ФЕСТИВАЛОТ ЌЕ ГО ОТВОРИ „ЌЕ МУ СЕ ЈАВАМ НА ТАТКО ТИ“ НА ЛЕОН РИСТОВ

Фотографија од филмот „Ќе му се јавам на татко ти“.


Утре (петок) започнува првото издание на Младински Филмски Фестивал кое ќе се одржи во Скопје, Кинотека и ќе трае два дена. Ќе бидат прикажани вкупно 20 кратки филмови од Македонија и странство поделени во три програми: кратки играни филмови, кратки документарци и домашна програма.

Фестивалот ќе го отвори краткиот игран филм „Ќе му се јавам на татко ти“ на Леон Ристов, кој имаше премиера на престижниот Сараево Филм Фестивал пред неполн месец. Филмот е за средношколецот Дамјан (Александар Андоновски) кој го наоѓаме претепан од маалски врсници, па мајка му (Николина Кујача) наоѓа план за решавање на проблемот и му се јавува на поранешниот сопруг (Оливер Митковски) да се справи со ситуацијата.



Постерот од филмот „Ќе му се јавам на татко ти“.

Истата вечер ќе имаме и премиера на краткиот филм „Малечка“ на Ана Андонова, на која ќе присуствуваат дел од екипата со актерите, а публиката ќе може да ги погледне и филмовите: Што крие дождот (Сергеј Сарчевски), Надвор (Зак Гулд), Вулканот (Александар Хоизан), Гавранот (Амирали Масоми), Слобода, Романија! (Тимоти Шош), Венера (Габи Баниа), Пролетни лисја (Борнео С. Нишевиќ), Слонот (Били Дурмишовски) и Каде е куќата на татко ми (Педро Фуркум). Сите кратки филмови се на автори до 24 години.